Ретроспекција во битот на македонскиот народ со „Фолклорот и традицијата негувани низ времето“
Членовите на
Литературниот клуб при ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија под менторство на Емилија Старделова и настапот на Ансамбл „Бојмија“ со мултимедијалниот настан во рамки на „Гевгелиско културно лето“ – „Фолклорот и традицијата негувани низ времето“ ја вратија публиката во корените на минатото. Таму од каде извира националното богатство и се што е сегашност и иднина.
Всушност, тоа беше и причината за одржување на завршниот настан, одбележувајќи ја работата на Литературниот клуб во второто полугодие- ретроспекција во битот на македонскиот народ и неговото влијание во создавањето културни обележја на една нација. Ученичките се претставија со читање историографски податоци, како и песни од народното творештво, а сето тоа беше поткрепено со емитување инсерти од документарци со фолклорна тематика и настапот на Ансамбл „Бојмија“ со „Влашки игри“.
Менторката Емилија Старделова изрази благодарност до градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов; JOУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија и Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија за поддршката, како и до Ансамблот „Бојмија“ за учеството на „Фолклорот и традицијата негувани низ времето“ во рамки на „Гевгелиско културно лето“.