По 11. пат, Гевгелија домаќин на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти
Во Гевгелија,
по 11. пат се одржа традиционалниот Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во организација на Глигор Гелебешев, пијано-педагог. Гевгелија, во периодот од 13 до 15 јуни, беше домаќин на 85 млади пијанисти и пијанистки до 18 години од Македонија, Бугарија и Косово, кои во хотел „Аполонија“ ги одмерија своите сили во силната конкуренција и го докажаа својот талент пред стручата жири-комисија, во состав на три реномирани музичари, пијано-педагози: м-р Илија Чрнаев од Софија, Бугарија; м-р Срџан Чалдаревиќ од Загреб, Хрватска и м-р Туту Ајдиноглу од Истанбул, Турција.
На 11. по ред Меѓународен натпревар за млади пијанисти, меѓу најдобрите се пласираа и учениците од ООУ „Васо Карајанов“- Гевгелија. Од класата на проф. Александар Лазаров, Стела Стефанова ја освои Првата награда и Вангел Марков и Благоја Стоев Третата награда. Од класата на проф. Влатко Сампламаев, Душко Димитров е добитник на Првата награда и Илија Димов на Втората награда. Сара Видичек, од класата на проф. Костадин Издушнов, се закити со Трета награда.
Меѓународниот натпревар за млади пијанисти е поддржан од Општина Гевгелија преку Програмата за финансиска поддршка на активностите од областа на културата за 2023 година.