Oтворено новото прифатилиште за бездомни животни во Гевгелија
Од денес, почнува со работа новото прифатилиште
за бездомни животни во Гевгелија. По изведувањето на градежните работи на објектот во непосредна близина на Прочистителната станица, исполнувањето на сите услови, согласно стандардите на Агенцијата за храна и ветеринарство стандарди, како и добиени дозволи од надлежните институции, прифатилиштето профункционира. На стартот на работата на Прифатилиштето за бездомни животни, со кој се решава еден од горливите проблеми со кучињата-скитници во градот, присуствуваа градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, директорот на ЈПКД „Комуналец“ во Гевгелија, претставници на Агенција за храна и ветеринарство, како и надлежни испектори од повеќе области.
Со прифатилиштето, ќе стопанисува ЈПКД „Комуналец“, за што беше отворена нова организациона единица во Претпријатието за третман на бездомни животни, согласно добиеното решение од Агенцијата за храна и ветеринарство за вршење на дејност за третман на бездомни кучиња. Прифатилиштето има капацитет за сместување на 13 кучиња, со можност за негово проширување. Незгрижените кучиња од јавните површини (локални улици, патишта, тротоари, паркови, дворови на општински институции, по пријава од граѓани преку сервисот „Систем 48“ или директно во ЈПКД „Комуналец“ се заловуваат од вработените стручни лица од Прифатилиштето, кои поминаа соодветна обука на Факултетот за ветеринарна медицина.
- По заловувањето, нагласи директорот на ЈПКД „Комуналец“, Раско Чочков, кучето се скенира за утврдување на идентитетот на потенцијалниот сопственик. Доколку кучето не е чипирано и не се знае идентитетот на сопственикот, кучето се евидентира во Ветеринарниот информационен систем и се регистрира како бездомно куче без сопственик. За заловените кучиња со скениран чип и познат сопственик, постапката со сопственикот ја превзема овластениот општински комунален инспектор. Пред да се стави во карантинскиот оддел, заловеното куче се третира со хемиско средство против евентуални паразити. До ставањето во функција на ветеринарната ординација на ЈПКД „Комуналец“, сите ветеринарни интервенции, како земање на крв за анализа, праќање до овластената лабораторија, третирање против болести, изведување на интервенции за стерилизација или евентуална евтаназија, напомена Чочков, ги изведува ветеринарното друштво со кое е потпишан договор за соработка.
По извршените ветеринарни интервенции, по законскиот рок за рехабилитација, заловените кучиња се сместуваат во Одделот за дневен престој во Прифатилиштето на ЈПКД „Комуналец“. Преку социјалните мрежи (ФБ-профил на Прифатилиштето), во наредниот период ќе бидат објавувани деновите во кои ќе биде организирана посета за граѓаните кои се заинтересирани за вдомување на кучињата од Прифатилиштето, кои успешно го минале тестот за социјализација. Согласно одредбите од Законот за благосостојба на животните, кучињата кои успешно ќе го минат тестот социјализација, а нема да бидат вдомени во законски утврдениот рок, ќе бидат обележани со жолти општински маркици и ќе бидат повторно пуштени на местото на нивното заловување.
За постапување со кучињата скитници, граѓаните ќе можат да се обратат преку општинскиот сервис „Систем 48“, на телефонскиот број 076 2111 999 и наЈПКД Комуналец, на телефонскиот број 034 212 808.