Одбележан 70-годишниот јубилеј на СОУ „Јосиф Јосифовски“
Годинашната програма за чествување на 7 Ноември-
Денот на ослободувањето на Гевгелија започна со Свечена академија на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија по повод одбележувањето на 70-годишниот јубилеј на Училиштето од гимназиско образование во Гевгелија. Градскиот хор „Гортинија“ ја отвори Свечената академија со изведба на хорски дела: „Химна на Република Македонија, „Огин го гори Брезово“ од А. Лековски, „Македонски народни песни“ и „Македонско оро“.
Пред многубројните гости, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, функционери, професори, ученици, и соработници, се обрати и директорот на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, Александар Делиџаков, честитајќи го 70-годишен јубилеј.
- Од нашето училиште патот го започнаа голем број градители на денешното општество, видни и истакнати професори и лекари, архитекти и уметници, политичари и вредни работници. Ние сме императивот со кој се именува плодната иднина, ние сме темелот врз кој се гради иднината на нашата Гевгелија. СОУ „Јосиф Јосифовски“ денес е почитуван и респектиран партнер во заедницата, извор од кој пие приватниот бизнис-сектор, но и непресушен бунар кој го напојува интелектот на јавниот сектор. 70 години спомени. 70 години спој на генерации. 70 години мисија на знаење, квалитет, автентичност, оригиналност. „Јосиф Јосифовски“ - Гимназија на седумдесетите генерации кои слават јубилеј. Празник на младоста, на радоста, на заедничките спомени. 70 години СОУ „Јосиф Јосифовски” е диригент на образовните и културните текови во градот. Успесите и постигањата кои се врежани низ страниците на монографијата докажуваат дека учениците и вработените се искрено посветени на работата. Искрено се радувам што СОУ „Јосиф Јосифовски“ се развива како заедница на квалитетот, на креативноста, на слободниот ум и на новите идеи. Поради сето ова, СОУ „Јосиф Јосифовски“ е траен белег на едно постоење, непрекината врска на генерациите, наша сегашност и иднина. И надеж дека засекогаш така и ќе остане! Со вистинско образование до вистински вредности кај личноста на ученикот!, истакна во своето обраќање Делиџаков.
Програмата продолжи со промоција на Монографијата, подготвена за 70-годишен јубилеј, обраќања на професори кои својот работен век го поминале во гевгелиската гимназија и блок- рецитирање македонска поезија од вработените професори: Александра Ќаева, Даниела Џишева, Тони Аврамов, Бисерка Макревска, Тања Чугунцалиева, Вања Манчева и Стефчо Стефанов. По Свечената академија, 70-годишен јубилеј беше прославен со коктел-забава во угостителската сала на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија.
По повод 70- годишен јубилеј на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, упати честитка, во којашто истакна:
- Овде се образувале многу генерации пред нас, сум се образувал самиот јас, како и многу други наши сограѓани од Општина Гевгелија и регионот. Таму научивме како да чекориме по патот на возрасните понатаму во животот. Многумина од нас се сеќаваат на гимназиските денови, на стекнатото знаење, на освоените нови светови и младоста од училишните клупи. Училишниот центар „Јосиф Јосифовски“ беше и останува расадник на голем број видни и помалку видни, но значајни и вредни личности во сите области од животот и општеството. Сите тие на свој начин придонесувале, се уште придонесуваат и ќе придонесуваат за развојот на нашата Гевгелија. Затоа, како локална самоуправа настојуваме со конкретни активности и проекти да го унапредиме образовниот и воспитниот процес во нашиот град. Првата гимназија во Гевгелија започнала со работа, само девет години по ослободувањето на нашиот град, јубилеј кој го славиме за три дена.
Нека ни е честит јубилејот- 70 години sредно образование во нашиот град!