Над 1.500 учесници на „Гевгелија на точак“
По повод 7 Ноември, во Гевгелија се одржаа
седмоноемвриските велосипедски трки, во организација на ЗГ „Чејнџмејкерс“ и „Точак Клуб Гевгелија“. На годинешната 4. по ред манифестација „Гевгелија на точак“, учествуваа над 1.500 учесници на различна возраст не само од градот туку и од соседните општини. Оваа година, новина во „Гевгелија на точак“, беше тоа што, покрај традиционалното возење, се одржа и натпревар во бавно возење со велосипед, за што за најдобрите организаторите со помош на покровителите и спонзорите обезбедија награди- еден велосипед, една кацига за велосипед, светла за велосипед и 5 шишиња за вода за велосипед. Победата на бавните трки ја понесе Андон Кованцалиев од Гевгелија. Сите учесници на „Гевгелија на точак“ добија финишер-медали.
„Гевгелија на точак“ од година во година станува масовна спортска манифестација, којашто ја продолжува традицијата на трките со велосипед во минатото, пред 40-50 години, а нејзиното одржување има за цел да се промовира возењето велосипед кај младата популација преку игра, забава и натпревар имајќи ја предвид местоположбата на Гевгелија, идеална за возење велосипед. Спортската манифестација е поддржана од Општина Гевгелија, преку Програмата за финансирање на спортските активности во општина Гевгелија за 2023 година.