Успешна еко-акција на спомен шумата кај Сува Река
Општина Гевгелија денес организираше еколошка акција за чистење на
Спомен шумата кај Сува река, на локацијата позната како Армискиот парк-споменик, крај Гевгелија. Во акцијата за чистење и уредување на ова спомен обележје учествуваа голем број на граѓани на општина Гевгелија, на еколошки невладини организации, планинари и вработени во ЈПКД „Комуналец“ и во општина Гевгелија.Тие на овој начин ја потврдија својата грижа за зачувување на спомен обележјата од минатото, но и заштита на животната средина.
Спомен шумата кај Сува река потсетува на еден трагичен настан од Втората светска војна, на крајот на 1943 година, кога на ова место, ѕверски се мачени и стрелани седуммина жители на Конско и Негорци, бидејќи ги поддржувале партизаните. Во чест на Димитар Шаренков, Илија Маџаров, Јордана Ѓеоргиева од Конско и Борис Карпузов, Ристо Шуклев, Ристо Бојмалиев и Ѓорги Велков од Негорци подигната е спомен шума.
- На овој начин, сите заеднички треба да ја покажеме грижата кон сите споменици и спомен обележја од војните кои се воделе на овие простори, а истовремено придонесуваме за чиста и зелена Гевгелија, истакна градоначалникот Сашо Поцков, и најави организирање на слични вакви акции и во наредниот период.