
16 меморијален планинарски марш „Димитар Кангов- Кангата“
Изминатиов
викенд, ЗПСК „Кожув“ од Гевгелија
го организираше 16 по ред Меморијал Димитар Кангов - Кангата, со искачување на највисокиот врв на Кожуф планина, врвот Зелен Брег, висок 2166 метри. Патеката по која се изведе маршот е со висинска разлика од 520 метри, долга е седум километри, а, според планинарите, во двата правца се минува за шест часа пешачење со потребните паузи и спаѓа во категоријата лесни патеки.
Овој меморијал се организира секоја година во чест на долгогодишен член на овој клуб, Димитар Кангов - Кангата кој пред 17 години почина при обид да го искачи врвот Ѕена, висок 2067метри, од грчка страна. На меморијалот оваа година, со оглед на ситуацијата со пандемијата, учествуваа стотина членови на ЗПСК Кожуф и љубители на планината од општина Гевгелија,како и од општините: Богданци, Дојран и Валандово. На врвот учесниците се собраа пред спомен плочата, каде оддадоа почит со едноминутно молчење и читање краток текст за ликот и делото на Кангов.
Димитар Кангов беше адвокат по професија и долгогодишен член на ЗПСК „Кожуф“- Гевгелија, а во неговата планинарска кариера имаше искачено повеќе планини и планински врвови низ Македонија и Балканот, а има учествувано и во Алпската планинарска акција во искачување на Триглав, Република Словенија и Гросглокнер Австрија. ЗПСК „КОЖУФ“ додели благодарници за најстар и најмлад учесник на овогодинешниот меморијал. За најстар учесник на меморијалот беше прогласенa долгогодишна членка Нада Марјановиќ (73 години), а за најмлад учесник членот на клубот Филип Јованов (5 години). Потоа, учесниците се упатија назад по истата патека до Алчак, од каде што ја стартуваа акцијата, а во планинарскиот дом „Томе Шутов - Кротки“ во с. Конско, од страна на Клубот, сите учесници беа почестени со ручек, со планинарско гравче.