Релјеф
Природната целина на Гевгелиската котлина се протега од северната и јужната страна на македонско - грчката граница. Рељефот е издробен на бројни ридови, чуки и тумби меѓу кои се широките и плитки долини кои гравитираат кон југ. Најниска кота на реката Вардар, кај државната граница, е 45 м.н.в, а највисоката 88 м.н.в. Релативната височина помеѓу овие точки изнесува 43 метри на исправена должина од 26км.
Во просторот на општината како посебни целини се издвојуваат следните наменски содржини:
• Шуми со површина од 28.350 ха;
• Пасишта со површина од 2.652 ха и
• Обработлива површина од 7.800 ха.
Градот Гевгелија лежи во рамниот дел на котлината чии природни граници се: од исток реката Вардар, од југ Сува Река, према запад нема природна граница, рамнината продолжува кон Моин, према север Караорман и Мрзенски рид меѓу кои, низ куса долина, поминува регионалниот пат за Негорци.
Мошне интересна е појавата на три осамени ридови (Динќут, Мрзенски и Вардарскиот Рид) чие потекло е најверојатно ерозивно, но не се исклучени и можните тектонски влијанија. Овие ридови на градот му дават особени пејсажни вредности и го означуваат неговиот идентитет.
Просечната надморска висина на која лежи градот изнесува помеѓу 53 и 60 м.н.в, што значи дека ридовите се воздигнуваат за по 50 до 100 м од рамницата.
Геолошки и педолошки карактеристики
Разновидноста на геолошките, рељефните и вегетациските прилики, а посебно влијанието на човекот и на климатските услови дозволуваат да се сретнат повеќе видови на почви.
Територијата на општината се одликува со богатство на различни карпести маси, што значи дека инжинерско - геолошките карактеристики се доста различни и во зависност од литолошкиот состав на стената, тектонската оштетеност и свежина.
Геолошкиот состав е разноврсен и богат така што овозможува експлоатација на минералното благо. Во прв ред, тука се неметалните појави, нарочно на украсен камен во кој спаѓаат: ортофирите, варолатите, мермерите, гранитот, габровите и анфиолитите.
Општина Гевгелија го зазема Долното Повардарие односно Гевгелиската котлина. Просторот се одликува со просторни површини од ридско рамничарските терени, кои се издигаат до околу 600 м.н.в, на кои се развиваат полувијално - делувијални и циментно кафеави почви и планинско подрачје, од 600 - 2000 м.н.в, на кои доминираат кисело - кафеави почви. Во геолошки поглед терените се изградени претежно од габро и дијабаз, а делумно од гранити и карбонати.
Гевгелиската котлина е под големо влијание на средоземната клима која, иако, изменета ги нуди сите погодности и можности за развој на општината.
Сеизмолошки карактеристики
Теренот на Гевгелиската општина му припаѓа на просторот на Вардарската зона која се одликува со повремена сеизмичка активност.
Сеизмичката динамика на овој епицентрален предел се базира на неговиот тектонски склоп. Во основни потези тој склоп е многу едноставен. Меѓу хорстовите од стари маси (кристалести шкрилци од И група) во облик на своевиден тектонски ров, стеснета е Вардарската зона. Главните нејзини хорстови, од исток се блоковите на Родопската маса, а од запад блоковите на Пелагониската маса. Всушност пред формирањето на Вардарската зона, двете маси представувале една целина - Родопски масив.
Со распаѓањето на овој масив, некои делови (блокови) помеѓу раседите се одвојувале, додека некои делови (блокови) помеѓу нив потонувале и биле засипувани со помлади творевини, создавајќи на тој начин тектонски депресии или ровови. Таков ров претставува и Вардарската зона. Рововите се подложни на разновидни притисоци и оттука на нив се применети разни движења кои повремено се манифестираат со сеизмички појави (земјотреси), од различен тип и интензитет.
Најсилните до сега забележани трусни катастрофи на ова подрачје настанале во 1931 година. По оваа трусна катастофа периодот е релативно мирен, со исклучок на 21.12.1990 година, кога се случи силен земјотрес со магнитуда од МЛ=5.6 по Рихтер, со епицентар 25 км јужно од Гевгелија.