Историјат
Секој град има раѓање, постоење, име луѓе, пејсаж, симбол, сегашнина и иднина.
Секој народ го бележи својот пат низ летописот на поколенијата - да се создава светот од денес за во иднина и да ја печати опстојбата до вчера . Само така се негува вековната традиција , духот како огледало на културното живеење.
Ако може да се поттикне добриот патник намерник да го посети домот на гостопримството , тогаш тоа сигурно ќе го стори топлината на градот, градот на најјужната точка во Република Македонија , крај самата граница со Република Грција , градот на срдечноста - ГЕВГЕЛИЈА.
Топлиот дух на гевгеличани се уште ја памети легендата за еден дервиш кој дошол и не сакал да си оди од Гевгелија бидејќи многу му се допаѓало местото . Жителите не сакале да го примат и решиле насила да го прогонат . Резлутен од тоа , дервишот почнал луто да ги проколнува жителите кои се исплашиле и го повикале назад со зборовите гел - гери што значи ела назад . Иако легенда , гевгеличани не сакаат да ја прекршат заклетвата на предците - секогаш да бидат добродојдени оние што одлучуваат да ги задомат своите идеи во градот , оние што се подготвени за нови предизвици , за нови доживувања.
Старите хроники бележат дека Гевгелија како град почнала да се развива уште од средината на 19 ти век , кога населението од овие краеви ја почуствувало потребата да создава современа населба која ќе им пркоси на минувачите - трговци и ќе биде домаќин на нивните патувања кон Блискиот Исток со многубројни анови . Во тој временски период , реката Вардар иако пловна , не можела да го задоволи транспортот на стоки , па во 1873 година доаѓа до изградба на железничката линија Солун - Скопје.
Вистински градски лик Гевгелија добива во 1886 година , кога во административно - управен поглед станала средиште на посебна каза - Гевгелиска.
Од овој временски период многу земјоделски производи успевале тука , благодарејќи на поволната клима и плодното земјиште и се извезувале преку солунското пристаниште . Меѓутоа стопанскиот развој на Гевгелија се претпочита во периодот од 1860 до 1912 година кога се развило мануфактурното и индустриското производство , а градот познат и како град - од станица до граница - ќе биде уште попознат со многубројните занаетчиски дуќани : чевларски , коларски , столарски , самарџиски , кројачки.
Некогаш Гевгелија бил град на незаборавните серенади , денес Гевгелија е град на сонцето , град на топлината.