
Неколку гевгелиски спортски клубови се добитници на ваучери за 2021 година од АМС
KK „Кожув“,
ФК „Кожуф“, ЖРК „Гевгелија“, РК „Партизан“ и Карате клубот „Армор“ се на листата од 650 добитници во машка и женска конкуренција на ваучери за 2021 година од страна на Агенцијата за млади и спорт. КК „Кожув“ доби средства во износ од 5.500.000 денари, ФК „Кожуф“ доби 2.400.000 денари, на ЖРК „Гевгелија“ и на РК „Партизан 2016“ им се доделени по 800.000 денари, додека Карате клубот „Армор“ доби 20.000 денари.
Финансирањето на спортските клубови е Владина мерка, со која државата се откажува од парите по основ на данок на добивка и ги пренасочува во македонскиот спорт. Конкретно компаниите, дел од својата обврска за данокот на добивка наместо да ја платат на државата, ќе имаат можност да ја вложат во спортски клуб или спортист кои има добиено ваучер од Агенцијата за млади и спорт, која средствата ги распореди по однапред утврдена методологија.
Имено, секоја година расте интересот за ваучерскиот систем за поддршка на спортистите, во 2020 година 677 компании донирале 547,7 милиони денари за разлика од 2019 кога 639 фирми донирале 492,9 милиони.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, на прес-конференцијата нагласи дека измината година реализацијата на ваучерите, иако во време на КОВИД-19, е висока и изнесува 89%:
- Тоа ни дава за право да констатираме дека ова е вистинска мерка и дека вистински се искористува во спортот и стигнува до крајните корисници - националните спортски федерации, клубови и спортисти. Системската поддршка што ја добиваат спортските субјекти на овој начин е клучна за остварување високи спортски резултати и за достоинствен живот и услови за работа на сите спортисти и спортистки, професионално и рекреативно. Со овој систем на распределба ја зголемуваме мотивацијата и интересот за спонзорирање на стопанските субјекти во спортот.