
Богат и разновиден културен живот
Гевгелија полека станува културен центар со бројни настани и тоа во скоро сите културни дејности.
За тоа зборуваат одржаните 100 настани, од кои најголемиот број во Народниот театар, но и во Пионерскиот дом и по Ликовната галерија „Амам“ кога станува збор за ликовните изложби. Зголемената понуда на културни настани предизвика и зголемен интерес на публиката, па, така понекогаш Големата сала на Народниот театар беше претесна за сите гледачи. Значаен поттик за ваквото културно раздвижување имаше Програмата за финансиска поддршка на културните манифестации и активности преку кој со 4 милиони денари беа поддржани над четириесеттина културни проекти и настани.
Музичкиот живот беше збогатен со 25 настани, пред се, традиционалните манифестации како „Распеана чаршија“, „Гевгелија денс“, „Фолклорен ѓердан“, Меѓународниот натпревар на млади пијанисти, Детскиот музички фестивал „Распеани дечиња“, Регионалните хорски смотри и Регионалните фолклорни средби, но и традиционалните Годишни концерти на Фолклорните друштва, на Градскиот хор „Гортинија“, на Mузичкото училиште и СОУ„Јосиф Јосифовски“. Новина во музичкиот живот секако претставуваше богатата програма што ја организираше ООМУ „Васо Карајанов“ со бројните концерти на класична музика и балетски претстави.
Посебно внимание кај публиката привлекоа 22 театарските претстави, и тоа, не само поради гостувањата на театрите од земјата, туку и сопствената театарска продукција. За одбележување е продукцијата на Домот на културата, во чија организација беа изведени неколку детски претстави, но и претставата за возрасни „Како да се ограби банка“ на аматерското студио- возрасна група „Дон Кихот“, која доживеа четири изведби. Во рамките на литературната и библиотечната дејност беа одржани 15 настани, меѓу кои покрај традиционалните Саеми на книга, Поетски вечери и манифестацијата „Месец на книгата“ што ги организираше ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“, беа промовирани неколку нови литературни дела.
Во текот на минатата година во Гевгелија беа организирани 14 самостојни и групни ликовни изложби во организација на Пионерскиот дом и Домот на културата. Гевгелија минатата година, за прв пат, имаше и богата филмска сезона за што зборуваат 17 филмски премиери, во кои доминираа македонските филмови. Домот на културата им овозможи на гевгеличани меѓу првите во земјата да ги видат најновите домашни филмски остварувања „Господ постои, името и е Петрунија“, „Втора шанса“, „Медена земја“ и „Врба”, а, исто така, и да го проследат „14 Фестивал на нов германски филм”, како и филмскиот фестивал за млади „Џифони“.