
Oтворена изложбата на традиционални балкански носии во Народниот театар- Гевгелија
Во просториите
на Народниот театар- Гевгелија, се одржа онлајн-изложба на фотографии од традиционални носии од Балканот, во организација на Домот на култура „Македонија“- Гевгелија, а во соработка со ансамбл „Македонија“- Скопје. Настанот од изложбата се емитуваше во живо на официјалниот Youtube- канал на Домот на културата.
Изложбата започна со инсерти од сценската адаптација „Посавина“ која е синкретизам од ора и песни од пределот Посавина, од Република Хрватска, а ја отвори директорот на Домот на културата „Македонија“- Гевгелија, Весна Ристова.
- Ние, гевгеличани, имаме несекојдневен и редок настан, cо кој ансамбл „Македонија“ ја презентира традиционалната култура. Сите носии од фотографиите кои ќе имате можност да ги погледнете, се од збирката на ансамблот кој е долгогодишен соработник на Домот, истакна Ристова.
Покрај изложените фотографии, дипломираниот етнокореолог, Силвестер Проле, кој е вработен во Домот на културата „Македонија“- Гевгелија, ги презентираше носиите со информации за нивното потекло, нивните специфики и материјали од кои се изработени. Тој ја заврши изложбата со познат цитат на најголемиот познавач во нашата држава на народните носии, Ангелина Крстева:
- Народната носија е постојано присутен и битен елемент во сценската реализација на фолклорните вредности. Нејзината коректна примена мошне придонесува за ликовниот ефект и повисок квалитет на една изведба, а од друга страна овозможува многу широк круг гледачи да се запознае со дел од нашата богата културна ризница.
- Овој пат, богата културна ризница на етникумот од соседството, истакна Проле.
Граѓаните ќе можат да ја видат збирката фотографии секој работен ден, почнувајќи од денеска до 16 јуни, од 9 до 14 часот, почитувајќи ги мерките за спречување на ширењето на Корона вирусот, носење заштитна опрема (маска и ракавици) и дезинфицирање на рацете со антибактериски гелови.