
ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци го одбележa Патрониот празник
Со скратена
програма поради КОВИД-пандемијата, ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци го одбележa 9 Maj- Патрониот празник на училиштето. Учениците кои следат настава со физичко присуство и вработените положија цвеќе пред бистата на Ристо Шуклев, во дворот на Училиштето. Следеа и активности како цртање со креди во боја, во самиот двор, на тема „Моето училиште”. Додека, учениците кои се дел од Ликовната секција учествуваа со своите ликовни дела изложени во холот на Училиштето. Од страна на Историската секција беше изработен видео-материјал за Патрониот празник и истиот поставен на официјалната Фејсбук-страница на Училиштето.
Имено, Линкова упати честитка за Патрониот празник во која истакна:
Почитувани родители, ученици, соработници, драги пријатели! 9 Мај е денот кога нашето училиште го слави својот Патронен празник. Овој ден низ годините е вообичаено празничен ден. Години наназад, патрониот празник го славевме со пригодна програма во чија реализација беше вложен голем труд на наставниците и учениците. Денес, наставниот процес се одвива на поинаков начин и во услови какви што ни наметна новото секојдневие, празникот на нашиот Патрон ќе го одбележиме на симболичен начин со положување цвеќе и изразување почит пред спомен бистата на нашиот патрон, Ристо Шуклев.
Ја користам можноста да упатам голема благодарност до Вас, почитувани наставници и соработници, за Вашето ангажирање во реализација на наставниот процес и до Вас, драги родители, за Вашето трпение, истрајност и поддршка. Само заедно можеме успешно да ја постигнеме целта- да им го покажеме вистинскиот пат на нашите деца.
По повод Патрониот празник на ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци, градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, упати честитка до колективот и ученици посакувајќи им уште многу постигнати резултати и што побргу чествувани патронати со побогата програма, како што и доликува да се одбележи значајниот ден на училиштето.