„Разновременска кохабитација“- Ликовна изложба на Елена Галика
На 22 септември, 2022 година, Домот на културата „Македонија“- Гевгелија и
Пионерскиот дом- Гевгелија беа домаќини на отворањето самостојна Ликовна изложба на Елена Галика. Во Галерискиот простор на ЈОУ Пионерски Дом- Гевгелија, беа изложени ликовните дела на Галика, магистер по уметности, синтетизирани во изложба која носи наслов „Разновременска кохабитација“. За нејзините дела, на отворањето на изложбата, м-р Мирјана Крстева Массетти истакна: „Ликовното творештво на Галика поседува силна дијакритична тенденција за дисциплинираната историја на визијата. Нејзината осмислена констелација паралелни стварности кореспондира со тактилното и оптичкото. Делата од изложбата насловена „Разновременска кохабитација“ претставуваат синхрон од различни светови. Поимската конструкција, хронолошки толкувана презентира опозиции кои во овој опус на Галика егзистираат унисоно.“
На изложбата може да се видат интересни дела на овој автор кој ги создал воден од теми и креации на моментално расположение, водено од лично емоционални пориви на речиси целосно сензибилна природа и карактер
Како што вели авторката, делата се од видливата паралелна реалност и како тие се замислени во индивидуалната реалност на уметникот кој ги создал. Земени се фрагменти или дела во целост од познати и докажани мајстори, низ нивното постоење и творење, ставени да кохабитираат заедно на едно платно, на едно место и време, како навидум неспоиви. Но, ако се обидеме за миг да влеземе низ вратата на квантото поле, каде што лежат сите потенцијали, можеме да ги поврземе „вчера“ и „утре“, минатото и иднината, во сегашниот миг и низ делата да ги споиме времињата прецизно, низ нивна перспектива да создадеме слика на нивното познато и нашето познато поле на реалноста. Поаѓајќи од шокантната хипотеза дека времето не минува, туку дека ние се движиме низ него или, пак, како што ќе напише Иво Андриќ: „Не тече реката, туку водата. Не поминува времето, туку ние.“ Како што постојат одредени тврдења, дури и научни докази, дека сѐ постои и се случува токму во сегашниот миг, минатото и иднината постојат токму сега, времето е само привид и мерење на нешто што не постои, е мерење на безвремие.