Тоше Анчев и Ангел Делиќ трчаа во чест на Тоше Проески
Тоше Анчев, овој пат заедно со Ангел Делиќ,
беа двајцата гевгеличани, дел од 13 ултрамаратонци, кои од Нова Градишка до Крушево трчаа во чест на Тоше Проески. По повод 15-годишнината од неговата смрт, маратонците во два дена поминаа 900 километри, означувајќи го крајот на трчањето со положување 26 црвени рози на вечното почивалиште на Тоше. Од крушевчани беа средчно пречекани со 500 рози, оддавајќи им почит за нивниот подвиг.
За маратонот наречен „Маратон на љубовта“, Наум Капричевски, дел од ултрамаратонците, истакна:
- И оваа година, по 15 пат македонските спортисти го стартуваа ултрамаратонот од Нова Градишка во Хрватска во чест на нашиот Тоше. Трчавме за великанот и, како што рече поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, војводата на песната од нашето време. Пораките по пат што ни ги испратија се - да му оддадеме почит на Тоше, да запалиме свеќа од сите, ширум Балканот, да стигнеме живи и здрави и да продолжиме да го трчаме овој ултрамаратон онолку години колку што имаме замислено.