„Бојмија“ со Гран при награда се врати од Меѓународниот натпревар во Свети Николе
Играорците
од Ансамблот „Бојмија“ се вратија од Меѓународниот фестивал на изворна музика „Тодорица 2023“ во Свети Николе со освоена Гран при награда на Фестивалот. На овој реномиран фестивал се претставија со влашки изворни песни и ора од гевгелискиот крај. Со ова, „Бојмија“ го повтори успехот од 2018 година, кога, исто така, ја освоија првата награда на овој фестивал.
Инаку, со овој Меѓународен фестивал на изворен фолклор, Свети Николе го одбележа празникот на градот Тодорова сабота. Фестивалот започна со прием кај градончалникот Дејан Владев, продолжи со дефиле на учесниците низ градот, по што настаните продолжија во кино-салата во Домот на културата „Крсте Мисирков“. Во програмата, учествуваа групи кои негуваат изворен фолклор од Македонија, Бугарија и Србија.