Гевгелија веќе ги применува европските стандарди
Република Македонија е на добар пат да ги инкорпорира европските стандарди во своето домашно уредување, како што впрочем и покажа последниот Извештај за напредокот изготвен од страна на Европската Комисија.
И општина Гевгелија се приближува кон имплементација на европските стандарди. Пречистителната станица веќе функционира со што Гевгелија може да се пофали дека го минимизира загадувањето преку отпадните води. Наскоро општината ќе располага со најсовремена депонија за одлагање на отпадот при што целиот процес ќе биде целосно во согласност со европските стандарди.
Се очекува дека најдоцна, до први септември, со работа ќе започне новиот водоснабдителен систем со што ќе се реши долгогодишниот проблем со арсенот во водата за пиење.
Во тек се и неколку европски проекти кои ќе го разубават градот и ќе отворат простор за рекреација и зачувување на природното и културното наследство.
Обновувањето на зеленилото во градската средина ќе придонесе за естетско разубавување на градот, но и за почист воздух. Најавениот стационар за животни кој ќе биде изграден во соработка со другите општини од Југоисточниот плански регион и поддржан од Владата на Република Македонија ќе придонесе за намалување на опасноста граѓаните да бидат повредени од кучињата-скитници, но и за хуман однос кон овие животни. Сево ова ќе придонесе во наредните неколку години градот и општината целосно да ги исполнат европските стандарди за урбано и рурално живеење.