Попис 2021
На Јавниот конкурс за реонски попишувачи и реонски инструктори за спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите на подрачјата на општините Гевгелија и Дојран пријавени се вкупно 111 кандидати. Во петок, на 12 март истите ќе бидат тестирани за општи познавања од областа на статистиката и работа со комјутери. Во зависност од резултатите на тестовите, ќе се изготви и до директорот на Државниот завод за статистика и ќе се испрати ранг листа на кандидатите, по што ќе се изврши избор на тие што ќе бидат ангажирани. За спроведување на пописот во Пописен реон 11, потребни се 88 реонски попишувачи и 9 реонски инструктори (плус 10% од овие бројки - задолжителна резерва).
Тестирањето ќе се спроведе на 12 март 2021 година, во петок, во просториите на СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија (приземје, училници во новиот дел). Заради заштита на кандидатите, пред и за време на тестирањето ќе се почитуваат сите здравствени и превентивни заштитни мерки. Тестирањето е организирано така што кандидатите се поделени во 2 групи, а секоја група ќе биде поделена на 5 подгрупи распоредени во 5 училници. Максималниот број на присутни во една училница е 12 лица распоредени на соодветно растојание.
Дозволен влез за тестирањето во гимназијата е влезот на улица „Гевгелиски партизански одреди“, спроти Шумското стопанство „Кожуф“. На самиот влез ќе се врши проверка на телесната температура, а за секој кандидат задолжително е прописно да носи заштитна маска. Список на кандидатите и распоред по училници ќе биде истакнат на влезната врата и на вратата од секоја училница со цел да се обезбеди потребната дистанца.
За да се обезбедат сите предуслови за безбедно тестирање, предвидено е тестирањето на првата група да започне во 09:30 часот, додека на втората во 12:00 часот.