
ООМУ „Васо Карајанов“ расадник на млади музичари и балетани
Традиционалниот новогодишен концерт на
ООМУ„Васо Карајанов“ потврди дека ова музичко училиште е расадник на млади и талентирани ученици – музичари и идни балетани. Тоа можеше да се види не само од презентацијата на двата концерти, туку и од реакцијата на самата публика. Аплаузите беа најдобра награда на учениците во ова училиште, кои од година во година покажуваат се подобри резултати и што е уште поважно придонесуваат за збогатување на музичкиот живот во општината.
- Многу е важно да ја развиваме и негуваме културата, а тоа значи дека прекрасните таленти од помладите генерации мора да го добијат соодветното внимание за да можат да го развиваат својот полн потенцијал како идни уметници, рече на концертот, Сузана Стефанова, директорка на ООМУ„Васо Карајанов“. Честитајќи ги Новогодишните и Божикните празници, Стефанова истакна дека после подолг период, во музичкото училиште повторно се изучува хорската и оркестарската музика, што е резултат и на возобновување на наставниот кадар со нова генерација на професионални музичари.
На новогодишниот концерт на Музичкиот оддел се претставија педесеттина ученици со свои соло точки, како и хорот и оркестарот на училиштето. Додека вториот концерт беше резервиран за учениците во Балетскиот оддел на ова училиште, кои всушност го одбележуваат и 25 годишниот јубилеј на балетското образование во Гевгелија.