
Фатмините раце на Ничевски го потпираат ѕидот на ракометното игралиште
Гевгелискиот ликовен уметник Миле Ничевски му даде
уметничка душа на еден од ѕидовите на ракометното игралиште кај ДТВ „Партизан“ со сликањето на муралот „Моето парче од универзумот“. Чија изработка и промоција беа во рамките на проектите предвидени за неделава во рамките на „Гевгелиско културно лето“.
Новото ѕидно уметничко дело на Ничевски е диптих, составен од два посебни мурали. Како композициска предлошка за нивното сликање е митолошката амајлија „Раката на Хамса“, односно „Раката на Фатима“, блискоисточна амајлија во облик на човечка дланка. Како што вели авторот, во муралот ја развива приказната од преводот на зборот Хамса, на арапски 5- „Give me five” или „Стори вака“, а потоа ја носи во само негова позната насока.
Инаку, доколку прошетате низ главната улица, како што гевгеличани ја нарекуваат „Од станица до граница“ или „Маршал Тито“, некаде спроти Главната пошта, на ѕид од приватна куќа ќе забележите мурал „Ноќен танц“ или „И уф арно и уф лошо кумшијата е тука“, а низ градскиот плоштад, покрај зградата спроти детското игралиштe, во очи ќе ви падне уште еден мурал „Kiss” или „Бакнеж“. Секако, автор на муралите е визуелниот уметник Миле Ничевски, кој за сите три вели дека се „site specific” уметнички дела, што би се рекло поврзани со времето и просторот, а и времето во кои се настанати.