„Гортинија“ со рок-концертот им приреди на гевгеличано несекојдневно и невообичаено уживање во музика
Присутните во
Народниот театар- Гевгелија, кои со задоволство го проследија Rock ‘n’ Choir концертот на Градскиот мешан хор „Гортинија“, на самиот крај, побараа уште по еднаш изведба на неколку рок-нумери од програмата за целовечерниот концерт. Гевгеличани ги искажаа своите овации преку силно ракоплескање, играње и пеење на глас, за тоа што „Гортинија“ им приреди едно несекојдневно и невообичаено уживање во музика. „Виновни“ беа моќните гласови на: Цеца Демерџиева Динева, Теодора Атанасова, Дорис Старчева Јованова, Андон Михајлов, Теда - Теодора Гошева Капсарова и Коце Динев, придружувани од Гортинците, како и формираниот рок-бенд, составен од: Пенче Кралев- бас-гитара, Момчило Делев- тапани, Коста Елбасановски- клавијатури, Слободан Крџев и Антонио Какров- гитара, a под диригентската палка на м-р Илија Атанасов.
Репертоарот за концертот беше составен од 10 познати рок-нумери на странски и домашни групи и пеачи: Toto, Guns N’ Roses, AC/DC, Deep Purple, Queen, „Леб и сол“, „Конкорд“, „Зијан“ и Леонард Коен. Проектот е поддржан од Министерството за култура, како и од Општина Гевгелија, преку Програмата за финанасиска поддршка на проектите и активностите од областа на културата за 2022 година.