
Втората вечер за Спасовден одбележана со ликовна колонија и музички концерт на „Панта Реи“
Во организација
на Домот на културата, во пресрет на Спасовден, во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 19:45 ч., вчера, втората вечер од културната програма се одбележи со ликовна колонија „Спасовден 2020“ и музички концерт на гевгелиската група „Панта Реи“.
Во колонијата учествуваа 18 ликовни уметници од Гевгелија, членови на ДЛУГ, кои го прифатија повикот на Домот на културата за организирање ликовна колонија во услови на пандемијата од Корона вирусот.
На отворањето, се обрати директорот на Домот, Весна Ристова, а Мирјана Крстева Массетти, член на ДЛУГ, во улога на куратор на кажа неколку зборови за делата на роднокрајните уметници кои учествуваа на оваа спасовденска изложба.
- Домот на културата отвора нова страница, иако во време на пандемија од Корона вирус, оваа институција ќе добие уметничко депо благодарение на успешната соработка со Друштвото на ликовните уметници од Гевгелија. Горда сум што нашата публика, да се надеваме за бргу, во подобри услови, ќе има можност да го види широкиот спектар на бои нарисан на платното од страна на ликовните творци, кои го оставија во аманет на Домот на културата, а ќе ги краси ѕидовите на просториите во Народниот театар. Изразувам благодарност до „Панта реи“ и Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија за прифаќањето на поканата да учествуваат во чествувањето на Св. Спас, истакна Ристова.
- Изложба со прекрасен повод, празникот на нашиот град, Св. Спас. Станува збор за 18 гевгелиски уметници кои работеа во своите ателјеа во унифициран формат, а техниките кои се застапени се акрил на платно, масло на платно и скулптура. Изложба во време на Корона, изложба- рефлекс на карантин, изложба за живот поинаков од досегашниот. За делата нема да зборувам, тие зборуваат самите за себе. Највисок акт на уметностa е љубовта, а вечерва ја славиме љубовта и животот, истакна уметникот Мирјана Крстева Массетти.