
Одржана тридневна изложба „Ѓура Мара во сеќавање низ времето“
На 1, 2
и 3 август, во просториите на Домот на културата, во Миравци, КУД „Танец“ се одржа тридневната изложба на фотографии и постигнувања, насловена како „Ѓура Мара во сеќавање низ времето“. Свеченото отворање на изложбата беше на 3 август, во 11 часот, со почитување на мерките и Протоколите за заштита од Корона вирусот и спречување на неговото ширење. Автентичната фолкорна манифестација „Ѓура Мара“ е финансиски поддржана од Министерството за култура и општина Гевгелија.
За првпат, поради пандемијата од Корона вирусот, традиционалната манифестација „Ѓура Мара“ која требаше да се одржи на третиот ден од Велигден, беше одложена, а организаторите беа принудени да ја организираат на сосема поинаков начин од оној на кој беше навикнат аудиториумот. Интерпретацијата на орото со која се прикажува вистинска случка од грабнувањето на убавата мома Мара, ќе биде заменет со изложба на фотографии.
Според вистинскиот настан, убавата мома Мара била грабната од турски намесник со неговите аскери, а неутешниот брат Ѓуро со своите другари тргнал по нив да ја одбрани, но во борбата несреќно загинал. Во чест на неговата жртва и посветената улога на жителите на Миравци да ги чуваат своите сожители од напасници, креирано е орото што го играат само девојки и жени, а постарите баби со стап ги бркаат момците кои сакаат да се фатат на орото со убавите миравчки моми.