
Гевгеличани ја проследија актерската игра на струмичанката Аризанова во „Таа“
Пред
платото на Народниот театар, на отворено, во вечерните часови, гевгеличани уживаа во актерската игра на Оливера Аризанова со монодрамата „Таа“ при НУКЦ „Антон Панов“- Гевгелија. Уште еден настан во организација на Домот на културата „Македонија“- Гевгелија што го запиша во својата листа на организирани настани за време на Корона-пандемијата.
- Монодрамата „Таа“, во изведба на Оливера Аризанова, при Народниот театар при НУЦК „Антон Панов“ од Струмица ја држеше публиката будни цел час и половина, со доза хумор и сатира. Воедно го врати интересот за посета на културни настани кај гевгеличани. Дом на култура продолжува со културните активности и во наредниот период, истакнаа од Домот на културата „Македонија“- Гевгелија.
Актерката Оливера Аризанова, задоволна од гостопримството, се заблагодари на Домот на културата што и овозможи повторно да игра пред публика откако во изминативе месеци не се играа претстави во театрите поради Корона-пандемијата.
Монодрамата го обработува прашањето за статусот на балканската жена? Задоволна ли е од животот и дали го има зачувано чувството за хумор или напротив? Монодрамата „Таа“ ја допира севкупната слика за жената на Балканот.
„Засега Таа на Балканот не е променета. Некои жени имаат подобри работни места и состојбата им се подобрува, но повеќето се принудени да бидат само домаќинќи кои готват. Нема разлика помеѓу македонската и бугарската жена. Во тој смисол и Црногорките, Туркините… си личат едни на други.“ - вели актерката Оливера Аризанова. Потенцира дека балканските жени треба да се сакаат повеќе, затоа што тоа е единствениот начин за и другите да ги сакаат повеќе. Жените треба да имаат поголема улога во општеството.