
Одржани спортски активности по повод 7 Ноември
По повод
7 Ноември, Денот на ослободувањето на Гевгелија, ЗГ „Чејнџмејкерс“ организираше велосипедска трка „Гевгелија на точак“, а АК „7 Ноември“ организираше „Виртуелна трка“ со почитување на протоколите за одржување спортски настани.
Околу стотина велосипедисти, на сите возрасти, од 7 до 77 години, родители со своите деца, стартуваа од зградата на стариот Извршен совет, како продолжување на традицијата кога од истото место, во минатото, за 7 Ноември, започнувале популарните велосипедски трки. За да биде запазена безбедноста на самите учесници, колоната ја предводеа Никола Опров и Петар Арџанлиев, страствени љубители на велосипедизмот, додека на крајот возеше постар модел на велосипед Марина Томова, претседател на „Промени се“.
На „Виртуелната трка“ која се организираше во два дена, учествуваа 118 учесника натпреварувајќи се во две категории, трка на 5 и 10 км. Пријавените учесници трчаа по однапред утврдени правила: самите натпреварувачи го одбраа времето за старт и патеката по која ќе трчаа. Натпреварувачите беа задолжени да се фотографираат со натпреварувачкиот број и да ги користат аппликациите за трчање преку кои ќе бидат видливи рутата за трчање и поминатото време.