
ПСК „Кожуф“ со две акции на Кожуф ја започнаа годината
Годинава,
членовите на планинарскиот спортски клуб „Кожуф“ од Гевгелија ја започнаа со искачување на Чичи Каја, планински врв во средишниот дел на планината Кожуф, сместен над туристичкото место Смрдлива Вода. На 2 јануари, 2021, година, традиционално, како и секоја година, 25 члена од клубот тргнаа од местото Асан Чешма кое беше стартна позиција за оваа маршута до врвот Чичи Каја, која е една од најлесните патеки на Кожуф планина со вкупна должина во двата правци од 5.5 км.
Претседателот на Клубот, Ристо Каркалашев, кој, воедно, беше и водич на оваа акција заедно со членот на Клубот, Дејан Атанасовски, отворија шампањско, со што планинарите наздравија и си посакаа пред се здравје и успешна година со многу реализирани планинарски акции, во кои ке се искачат многу планини и планински врвови. По искачувањето, планинарите направија уште една кратка акција искачувајќи се до водопадот кој се наоѓа во близина и е одалечен само 650 м од Смрдлива Вода.
Втората акција, ПСК „Кожуф“ ја реализираше на 9 јануари, 2021 година, на маршутата Асан Чешма- врв Двете Уши, висок 1766 метра.