
Филип Динев од Гевгелија- најдобар млад џез музичар за 2020 година
Гевгелискиот
младич Филип Динев, истакнат гитарист, по настапот со своето трио на „Џез фабрика“ во Битола, на затворањето на Фестивалот, се закити со наградата „Најдобар млад џез музичар“ за 2020 година. Имено, Четвртото издание на Интернационалниот џез-фестивал „Џез фабрика фестивал Битола 2021 - Jazz Factory Festival“, се одржа од 1 до 3 јули на сцената на НУ Народен театар Битола со исклучителна програма. Фестивалот има автентичен пристап кон промовирање на џез-културата, спојување едукативни работилници, мастер класови, музичка индустрија и новинарство, вмрежување и регионална соработка, како и промовирање домашни и регионални џез- изведувачи.
По добивањето на оваа престижна награда, Филип истакна дека многу му е драго за оваа награда, а и презадоволен е од приемот на публиката во Битола. Филип неодамна го издаде својот дебитански албум „Szvetlo“, снимен со триото во кое се и Французинот Пјер Мартин и Унгарецот Дани Ардај, а за неговиот пробив на џез-сцената доволно говори и наградата за „Најдобар млад џез музичар“ што ја доби од фестивалот „Џез фабрика“ во Битола.
- Триото е формирано некаде почетокот на 2019 година, во Будимпешта, при спонтан собир на моја иницијатива, вели Филип, во една од просториите на Академијата „Франц Лист“. А, името - „Szvetlo“ беше демократски изгласано, на неколку мои понудени опции, хаха. Иако не знаеја што значи, ова им делуваше најсимпатично. Искрено, и мене ми делуваше најсимпатично. На сите ни е мила светлината, нели?
Посебно ми е драго што проектот го снимивме во Гевгелија, поточно во „Пионерски ром“, на околу 100-тина метри од мојата куќа. Сакал или не, јас сум израснат во Гевгелија и сите мои први животни и музички искуства се поврзани со нашиот град. Гледајќи наназад, сфаќам коку големо значење имале сите мали „воншколски“ активности, како „аматерски претстави“, хорот „Гортинија“, музичките дружења со другарите, бендови, заглавувања во домашно студио и слично...
По завршените студии на Џез катедрата на Универзитетот Гоце Делчев во Штип, Филип моментално е на мастер-студии во Хамбург, на „Hochschule für Musik und Theater - Hamburg“, на програмата „Dr. Langner Jazz Master“, каде бил еден од четворицата примени.