
Заврши реализацијата на богатата културна програма во рамките на „13 БОШ фестивал“
Заврши
13-тото издание на Регионалниот „БОШ Фестивал“. Поради КОВИД- пандемијата и насоките на Министерството за култура за неговото одржување, активностите од дводневната програма се реализираа без публика. Во рамки на програмата, се одржаа 5 изложби, 2 концерти, 2 диџеј сета, селекција на кратки филмови од македонски автори, селекција на анимации од Flipbook Film Festival, видео инсталации, прoмоција на мурал на авторката Мирјана Массетти, кој беше насликан на ракометното игралиште во Гевгелија. Насловен „Его“, а посветен на сите луѓе што ги сака, каде и да се, со опис: „Љубов, време, ти… Демистификација на тајните, позитивно интонирана лага, магловита страст, апстрахирано време, фатална инерција… Заклучена во сопственото сознание се прашувам дали некогаш некој избегал од судбината... Се прашувам дали има нешто поважно од страста? Страста со која го живееме животот...“
Во визуелната програма беа претставени маестрални искусни автори од областа на стрипот и графиката како Горан Дачев и Радован Поповиќ, но, исто така, беше оставен простор и за претставување на младата уметничка сцена од регионот односно Ана Трајковска, Кети Пренда и Радмила Гошевска. Во рамки на музичката програма, настапија извонредниот џез состав SEТHSTAT, а свој концерт имаа и Lenhart Tapes со исклучителен музички перформанс преку користење на касетофони. DJ сетовите беа резервирани за крајот на програмата и тоа со Стефан Алиевиќ во петокот и Ѓорѓи Јаневски за затворање на фестивалот во сабота. Кои публиката имаше можност да ги проследи во живо на дигиталните плаформи на Facebook и Youtube и преку веб-страната на БОШ.
- Подготовката на едно вакво издание беше исклучително и организацијата и за уметниците, затоа БОШ неизмерно се заблагодарува за напорот на сите вклучени и потсетува дека БОШ е меморијален фестивал, посветен на актерот Бошко Бозаџиевски, и во себе ја носи идејата да се истрае, да се издржи, да се пронајдат нови начини на славење на животот и слободната уметност, истакнаа организаторите.