
Црвен крст- ОО Гевгелија со поучен филм за младите од Гевгелија
Клубот на
млади при Црвен крст- ОО Гевгелија, во соработка со стручната служба реализираше кино- претстава за своите членови и за сите граѓани на општина Гевгелија. Осумдесеттина посетители имаа можност да го проследат американскиот филм WONDER („Чудо“), на режисерот Стивен Чбоски, под отворено небо, на излетничкото место „Динќут“ во Гевгелија. Се работи за семејна драма од 2017 година базирана на истоимениот роман од Паласио, во која главните улоги ги толкуваат Џулија Робертс, Овен Билсон и Џејкоб Трембл. Приказната го следи развојот на момчето Август, кој има ретка абнормалност на лицето. Август тргнува во петто одделение во приватно училиште каде се спријателува со Џек. Тие двајца формираат силна врска додека се соочуваат со насилниците во своето одделение.
Од раководството истакнаа дека за првпат Клубот на младите при ЦКРСМ- ОО Гевгелија огранизираат летно кино, како дел од нивните активности за дружења и забави. Целта на волонтерите со емитувањето на овој поучен филм, наменет за основците и средношколците од општина Гевгелија, беше да ја развијат свеста против дискриминација, а континуирано да го промовират принципот на еднаквост. Исто така, организаторите се заблагодарија на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија за поддршката при организирање на овој настан, ветувајќи во иднина уште вакви пријатни изненадувања.