
Хорот „Гортинија“ културен бренд на градот
Првиот градски хор во Гевгелија беше резултат од успешната работа
на Средношколскиот хор при СОУ „Јосиф Јосифовски“ и професорот Атанас Атанасов. Љубовта кон хорската уметност на хористите кои претходно пееле во училишниот хор, заедно со ентузијазмот на професорот Атанасов резултира со формирање градски хор - „Сава Михајлов“ во 1996 година. Следната година Хорот ги добива првите признанија од стручната публика на домашните хорски фестивали, како и симпатиите на домашната публика, посебно, се разбира, во Гевгелија. Првите активности и настапи на Хорот покажаа дека се работи за институција со голем уметнички потенцијал, кој подоцна се реализира во работата и успесите на хорот „Гортинија“, изјави во разговорот за „Гевгелиски магазин“ диригентот на хорот, Илија Атанасов.
„Гортинија“ стана културен бренд на Гевгелија кој го претставува градот не само во државата, туку и во странство. Имено, бројните признанија и награди се потврда за квалитетот на работата на хорот и диригентот, особено кога доаѓаат од најпрестижните меѓународни хорски фестивали, кои предвидуваат сериозни критериуми, вели Атанасов. Затоа е големо задоволството да се каже дека Хорот секогаш се враќа со високи награди (Гран при, златни и сребрени плакети, специјални награди) од натпревари во: Италија, Австрија, Шпанија, Полска, Турција, Србија, каде е најчесто во конкуренција и со професионални хорови, универзитетски и градски хорови од големите светски метрополи.
Едно од најубавите признанија ни е секогаш изненадувањето на тамошната стручна и хорска публика, кога ќе чујат дека Хорот доаѓа од Гевгелија, гратче со околу 10 илјади жители. Покажувајќи на овој начин дека во Македонија општочовечките вредности и квалитети, барем во уметноста, се негуваат на високо ниво. „Гортинија“ е еден малкуте хорови со таков меѓународен успех во нашата земја. Во врска пак за соработката со Локалната самоуправа, Илија Атанасов констатира дека многу важно е Локалната самоуправа да ги препознае вистинските квалитети и да ги поддржи и мотивира. Бидејќи секој успех, награда и признание на Хорот е успех и за Локалната самоуправа која ги препознала квалитетите.