
Гевгелиското издание на хит-комедијата „Име“ покажа како еден аматерски театар може да биде професионален
Иако вчера, пред 20:00 часот,
во Гевгелија накратко заврна дожд, гевгелиските љубители на театарски претстави не беа спречени да појдат во Народниот театар- Гевгелија, да го заземат своето место и да ја погледнат новата поставка на сцена на Драмската секција при Домот на културата „Македонија“- Гевгелија. Двочасовната актерска игра на: Катерина Петковска, Лазе Николов, Силвестер Проле, Влатко Сапламаев, Тијана Ристовска и епизодната улога на Светлана Стојковиќ во претставата „Име“ предизвика уште едно ново воодушевување на публиката, одземајќи и го вниманието на публиката и изнудувајќи громогласна смеа.
Успешната режија на Катица Џишева Дупарова уште еднаш докажа дека иако во Гевгелија нема професионални актери, на професионален начин можат да се постават претстави за возрасни на сцена и од актерите аматери да се извлече професионално глумење. А, за волја на вистината, тоа да биде во корист на домашната публика.