Успешен настап на „Гортинија“ на прославувањето јубилеј на Женскиот младински хор при МКЦ
Хорот ГОРТИНИЈА имаше импресивен
настап во салата на Филхармонијата во Скопје. Концертот беше посветен на јубилејот на Женскиот младински хор при МКЦ - Скопје, кој оваа година бележи импозантни 50 години успешна работа. На големиот хорски настан, на кој учествуваа најдобрите хорови од Македонија и гостински хорови од Полска, „Гортинија“ се претстави со композиции со различни музички стилови, композиции од домашни автори како и композицијата „Македонско оро“ од Тодор Скаловски најсложена и најоригинална хорска композиција, која познатиот руски композитор, Шостакович, ја коментира како „ремек дело на хорската музика од 20-тиот век“.
Бројната публика во Филхармониската сала, во која имаше композитори, диригенти, претставници на министерства, како и јавни личности од музичкиот и уметничкиот свет, го поздрави настапот со бурен аплауз и овации, оценувајќи дека „Гортинија“ остави силен впечаток со својата интерпретација и стручната публика потврди дека се работи за еден од најдобрите хорови не само во Македонија туку и многу пошироко во регионот.
Диригентот Илија Атанасов, по концертот, меѓу другото изјави дека Гевгелија има една од најуспешните уметнички институции, со огромен потенцијал, во чие развивање и унапредување мора да обрне малку повеќе и посериозно внимание.