Одржан Меморијалниот турнир во кошарка „Боби Петковски“: Најдобра младинската селекција на Грција
Втора година по ред
во Гевгелија, се одржа Меѓународниот меморијален турнир во кошарка посветен на Боби Петковски. Во периодот од 26 до 29 јуни, во спортската сала „26 Април“ се одиграа натпреварите помеѓу кошаркарските селекции до 18 години на: Македонија, Грција, Израел и Црна Гора. Најдобра од учесниците на годинашниот Меѓународен меморијален турнир во кошарка беше младинската селекција на Грција, со три победи над селекциите на Македонија, Грција, Израел и Црна Гора.
На доделувањето на пехарите, присуствуваше и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој им го честиташе постигнатиот успех.
- За нас е огромна чест да бидеме домаќини на земјите од странство кои заедно со своите репрезентации престојуваа во нашиот град. Но уште поголемо значење има тоа што со ваков меѓународен спортски настан од натпреварувачки карактер му оддаваме почит на Боби Петковски за неговото дело како долгогодишен тренер на младинските категории на гевгелискиот КК „Кожув“ и човекот низ чии раце поминаа многу генерации и научија многу за кошарката и воопшто за спортска дисциплина, истакна Сарамандов.
Меѓународниот меморијален турнир во кошарка „Боби Петковски“ е во организација на Кошаркарската федерација на Македонија и Кошаркарскиот клуб „Кожув“- Гевгелија.