Книжевна вечер посветена на Илија Карајанов по повод 80 години од неговото раѓање
ЈОУ Библиотека
„Гоце Делчев“ - Гевгелија, во рамки на „Гевгелиско културно лето“ беше организтор на книжевна вечер на Илија Карајанов по повод 80 години од неговото раѓање. Во воведното обраќање, директорот на Градската библиотека, Стефан Марковски, зборуваше за Карајанов, како за голем автор од југот, кој особено се истакнуваше, покрај со своето творештво, и со есеистичките текстови за повеќе македонски писатели, како: Анте Поповски, Блаже Конески, Цане Здравковски, Гане Тодоровски, Михаил Ренџов и други. Исто така, Карајанов посвети голем дел од својот опус во рецензирање на дела од младите писателски имиња, рече Марковски. За животописот на Илија Карајанов зборуваа македонските писатели, есеисти и книжевни критичари Васил Тоциновски и Ефтим Клетников.
Ефтим Клетников, кој се јавува и како рецензент на поетскиот избор „Граници во сонот“ во издание на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ - Гевгелија, зборувајќи за топлината и духот на поезијата на Карајанов, подвлече дека станува збор за еден уникатен македонски поет, кој пишувајќи од своето срце, во своите стихови изнесува мудрост и сето она што е суштина на вистинската поезија. За жал, Карајанов и покрај своето дело, подвлече Клетников, се' уште го нема добиено своето заслужено место во македонската поезија.
Васил Тоциновски зборуваше за своите искуства со Илија Карајанов, почнувајќи од студентските денови до неговата долгогодишна соработка со Списанието за литература, култура и уметност „Современост“, како автор на бројни есеи и рецензии кои ја збогатуваат македонската литература до денешен ден. Тоциновски ја изнесе својата верба дека Карајанов спаѓа помеѓу оние творци чие вистинско место во литературата останува да биде откриено години по нивниот физички замин.
Имено, на настанот за чествување на 80. години од раѓањето на Карајанов, избрани стихови од творештвото на Карајанов читаше актерот и режисер Васил Михаил. Исто така, беше прочитана и една наградена творба со наслов „Ќе ги најдеме ли клучевите за тајните двери и ковчези додека животот невидливо поминува“, инспирирана од песна на Карајанов, на Конкурсот што Библиотеката го распиша по повод 80 години од раѓањето на Карајанов и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов. Модератор беше Емилија Старделова. Настанот беше збогатен со настап на пијано на Мими Дучева.
Илија Карајанов (8.7.1943-25.1.2016) е македонски поет, есеист и книжевен критичар. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Работеше како професор во гимназијата „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија. Член на ДПМ од 1987 година. Автор е на стихозбирките: „Сончогледово око“ (1978), „Цветови на слободата“ (1979), „Полноќен сонопис“ (1987), „Сономорје“ (1991), „Слики од југот“ (1995), „Зорници во сонот“ (1997), „Сонети без почеток и крај“ (1999), „Свилени звуци“ (хаику поезија, 2000), „Жарник додека се будам“ (2005), „Граници во сонот“ (2017). Добитник е на Признанието за животно дело „7 Ноември“, доделено од Општина Гевгелија, за значајни постигнувања во областа на културно-воспитната дејност.