Отворена Изложбата „НАРАРТИВА 2023“
ЈОУ Библиотека
„Гоце Делчев“- Гевгелија, во соработка со НУ Музеј- Гевгелија, организираше Изложба на слики и скулптури со книжевни мотиви и одредници, насловена„ НарАРТива 2023“, којашто беше отворена во галеријата на Амамот. Присутните имаа можност да ги видат изложени слики и скулптури од уметниците: Никола Пијанманов, Вангел Срнаков, Владимир Илиевски, Ване Костуранов, Александар Јанев, Мирјана Крстева Массетти, Иван Кал’чев, Анамарија Митриќеска Кал'чева, Toни Попов, Миле Ничевски, Марија Трајаноска, Дамјан Ѓуров и Елена Ѓурова.
Делата на ликовните уметници интегрираа различни елементи присутни како во македонската, така и во светската литература, создавајќи засебни визуелно-наративни целини, амалгамирајќи ги световите на формите, линиите, големините, насоките, боите, текстурите и тоновите со оние на нарацијата, јазикот, гледната точка, карактеризацијата и изградбата на дејство во причинско-последователни низи. Приказнувањето во вид на визуелен облик на развој и раскажување е централната спојна точка на елементите присутни во ликовните дела.