„Жени“- театарска претстава на три храбри жени
Здружението на граѓани за борба против ракот „Елена Костадинова-За среќа“ од Гевгелија,
денес, четврток, 23 јануари 2020 година, со почеток од 19 часот, во Народниот театар ќе го претстави театарскиот проект „Жени“, во продукција на „Интимен театар“ од Битола.
Во „Жени“ играат трите хероини: Невена Стерјова, Трендафилка Киклевска и Катерина Петровска, кои ја споделуваат својата борба со ракот на дојка и ракот на матка, и победувањето на ракот и предрасудите, па јавно проговорија за битката со оваа тешка болест. Режијата е на Софија Ристевска- Петрушева, кореографија на Кире Миладиноски, видео- материјали – Диоген Хаџи – Коста Милевски и фотографии на Петар Тасевски. Инаку, претставата е работена по автентични случки и текстови на жени болни од рак, но користени се и авторски текстови на Билјана Крајчевска, како и текстови од „Три сестри“ на А.П.Чехов. Ова е жив театар кој зборува отворено за проблемите на најголемиот дел од жените кои водат лавовска борба со оваа опака болест.
„И покрај болестите има смисла да се живее. Да се живее на овој свет. Овие жени се големи поборници на тоа дека уметноста може да се користи како алатка за борба против депресијата кај луѓето болни од рак затоа што луѓето болни од оваа болест многу често се склони кон депресии што е сосема нормално.“, вели режисерката Ристевска Петрушева.
„Иако сме во 21 век, темата која ја претставивме, борбата со ракот, сѐ уште е табу тема. Ние, што некои не нарекуваат „глумци“ иако по вокација не сме тоа, сепак сме активни актери во борбата со ракот. И верувајте, многу храбро се носиме со тоа.“, велат жените од претставата.
Целта на овој театарски проект е да се подигне свеста за редовни прегледи и брзо дијагностицирање на болеста која има епидемски размери.