
Одржан културниот настан „Нацртај приказна, отсликај насмевка“

Во петокот,
17 јули, 2020 година, на плоштадот „Сава Михајлов“- Гевгелија, Домот на културата ја одржа манифестацијата од хуман карактер „Нацртај приказна, отсликај насмевка“. На манифестацијата учествуваа деца, талентирани сликари-аматери кои насликаа 4 уметнички дела, а истите ќе бидат подарени во просториите на новиот објект на Центарот за деца со посебни потреби „Мајка Тереза“, кај Касарната. Публиката, односно децата, ги забавуваше скопскиот магионичар, акробат и шоумен- Кристијан Кики Бенито.
Во текот на манифестацијата беа запазени сите мерки за претпазливост (носење маски, дезинфекција на раце и ракавици).
- После долг временски период, лајковите на нашата Facebook-страница и нашиот Youtube-канал што ги даваше нашата публика поради Koрона пандемијата, ги заменивме со вистинскиот аплауз со организирање на оваа манифестација за децата и нивните родители- истакна директорката на домот на култура Весна Ристова, воедно и организатор на оваа манифестација.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, на својата Facebook-страница го поддржа овој настан oд хуман карактер истакнувајќи:
- Домот на културата „Македонија“- Гевгелија со својот културен настан „Нацртај приказна, отсликај насмевка" ја покажа убавината на хуманоста. Кога ќе се спојат: уметноста, талентот и креативноста, за миг, сè станува чудно-чудесно дури и за време на пандемија. Обете страни задоволни, среќни и насмеани! Тоа е сè што им треба на децата од нашата Гевгелија!