Богат културен живот
Културниот живот во Гевгелија,
но и во населените места минатата година забележи големи раздвижувања. Пред се, по бројот на културните настани, кои континуирано се случуваа преку цела година. Меѓутоа, уште повеќе по разновидноста на културната понуда. Почнувајќи од театарските гостувања, но и локалната театарска продукција, промоции на книги и поетски читања, најразновидни музички концерти, па, се до Гала оперски вечери. Што е уште позначајно ваквата понуда на културни настани предизвика огромно внимание и бројна публика. И тоа, не само во текот на културните манифестации како што беа Спасовден, Седмоноемвриската културна недела, фестивалот на смоквата „Смоквијада“, мултимедијалниот арт фестивал „БОШ“, Гевгелиското културно лето, СРВ фестивалот, туку и во секојдневните културни случувања.
Само во Народниот театар во Гевгелија минатата година беа одржани 85 културни настани, кои ги проследија над 3000 гледачи. Во одредени периоди од годината, на сцената на Народниот театар секојдневно се случуваше по некој настан. Гостуваа театри од целата земја, но и за прв пат, пред гевгелиската публика Домот на културата се претстави со сопствена театарска продукција. Театарските претстави на аматерскиот театар „Дон Кихот“, било за деца или возрасни, привлекоа големо внимание. За збогатување на театарскиот живот секако придонсоа и претставите на драмската група „Титанија„ во СОУ„Јосиф Јосифовски“, новите аматерски групи и станд-бај настапи.
Општина Гевгелија и годинава со финансиска поддршка од 4 милиони денари од општинскиот буџет ќе го поддржи културниот живот во општината. Советот на општина Гевгелија ја донесе Програмата за финансирање на програми и проекти од областа на културата во 2019 година според која буџетските средства ќе бидат распределени на 39 подносители на апликации. На објавениот јавен конкурс се пријавиле 44 апликанти, односно, културни установи, здруженија и поединци со свои проекти. Годинава јубилејно ќе биде одбележан Денот на ослободувањето на Гевгелија – 7 ноември, со доделувањето на Седмоноемвриската награда, која се доделува секоја петта година.