Со пресекување на „зелената лента“, денеска започнуваат деновите на „Смоквијада 2020“
Денеска,
официјално започнува одбележувањето на традиционалната 14 по ред „Смоквијада 2020“. Како што најавуваат организаторите ЗГ „Тера“, свеченото започнување на активностите ќе го одбележат на оригинален начин. Поради моменталната ситуација со КОВИД-пандемијата и поради запазување на протоколите за заштита, во текот на целата седмица пријавените натпреварувачи ќе го подготвуваат слаткото од зрели смокви во своите домови, а екипата на ЗГ „Тера“ ќе доловува делови од варењето слатко регистрирајќи видео-записи.
„Смоквијада 2020“ се одржува под покровителство на Градоначалникот и Советот на Општина Гевгелија. Во недела, на 6 септември, пред платото на Народниот театар во Гевгелија ќе бидат прогласени трите најдобри екипи, за кои се предвидени парични награди. Исто така, и секој натпреварувач ќе биде награден за своето учество.
Почетокот на Смоквијада ќе биде симболично означен со пресекување на „зелената лента“ - симбол на заштитата на еколошки здравата средина. Со овој чин ЗГ „Тера“ вбројува уште една активност како придобивка на манифестацијата, а која ќе се однесува на подигање на свеста кај граѓаните за чување и почитување на природните благодети специфични за овој регион, но и негување на традицијата од прадедовците.