Јанев и Кованцалиев со свои скулптури учествуваат на изложбата „Современа скулптура“
На
изложбата „Современа скултура“ која е дел од годишната програма на ДЛУМ, со свои скулптури учествуваат гевгелиските ликовни уметници Александар Јанев и Перо Кованцалиев. Изложбата беше отворена на 25 февруари, во Уметничкиот центар „АРТ ХАБ“, во Скопје. Покрај Јанев и Кованцалиев, на изложбата со свои дела учествуваат и: Ана Димчевска Семенпеева, Ангел Димовски Чауш, Ива Станковска, Љупчо Бојаров, Маја Танева, Марина Цветановска Мартиновска, Сашо Саздовски, Слободан Милошески и Златко Бојковски. Овогодишен добитник на паричната награда „Боро Митриќевски“ која ја доделува семејството Митриќевски е скулпторот Слободан Милошески за делото со наслов „Воздигување“.
Селектор на изложбата е историчарот на уметност, Благоја Варошанец, кој својот осврт за изложбата го започнува со цитат од Исами Ногучи:
- Cѐ e скулптура. Каков било материјал, каква било идеја без пречки, родена во просторот ја сметам за скулптура. На оваа изложба доминира фигуративната скулптура и геометриската апстракција.
- Доминираат творби од метал, дрво, бронза, пластика, но и објекти кои се доближуваат до цртеж, инсталација.
Инаку, минатата година, на истата изложба, Перо Кованцалиев за своето дело „Ирационални бранови“ беше добитник на наградата „Боро Митриќевски“.