Проекции на филмови за стара Гевгелија и работилници за филмска и аудиовизуелна уметност
Oд 24 до 26 август,
2021 година, Домот на културата „Македонија“- Гевгелија ќе организира проекции на краткометражни филмови со приказни за стара Гевгелија, како и работилници од филмската и аудиовизуелната уметност заедно: со Марија Џиџева, Игор Старделов, Александар Трајковски и Тихомир Кашмицовски. Заинтересираните граѓани ќе можат да ги проследат проекциите на краткометражните филмови на отворено, пред платото на Народниот театар. Додека, работилниците во просториите на Народниот театар.
Според програмата, на 24 август, со почеток во 20:00 часот, ќе бидат проектирани кратки филмови од националниот филмски фонд на Кинотека на РСМ, со сцени од Гевгелија и Гевгелиско: „По долината на реката Вардар“, „Свилен конец“, „Дојранско Езеро“, „Птиците доаѓаат“.
На 25 август, со почеток од 10:00 часот, ќе започне првата работилница, на која Марија Џиџева ќе излага на темата: „Како да раскажеме приказна од Гевгелија“. Од 12:00 часот, ќе следи втората работилница на тема: „Вовед во аудиовизуелното архивирање и неговото општествено значење“, за која пред присутните ќе зборува м-р Игор Старделов. Во 20:00 часот, ќе се проектираат повторно кратки филмови со сцени од Гевгелија и Гевгелиско, од националниот филмски фонд на Кинотека: „Миравска свадба“, „Со Тито низ Македонија“, „Во долината на цветовите“, „Бели штркови“ и „Птици и риби“.
На 26 август, последниот ден од тридневниот настан на ЈОУ Дом на култура“, со почеток во 10 часот, ќе биде одржана третата работилница на тема: „Дигитализација и дигитална реставрација во заштитата на аудиовизуелното наследство“. За која ќе зборуваат Александар Трајковски и Тихомир Кашмицовски.
Влезот за публиката е слободен, со почитување на мерките за заштита од КОВИД-19. Целиот проект е поддржан од Министерство за култура.