Програма на Домот на културата по повод Светската недела на детето
Во рамките на одбележувањето на Светската недела на детето,
од 5 до 9 октомври, ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија ќе реализира културна програма со проекција на првиот македонски, детски, долгометражен, игран филм за деца „Стела“ и театарска претстава за деца „Куферко, светскиот патник од Македонија“.
Согласно протоколите за организирање културни настани детскиот филм за учениците од трите основни училишта од општина Гевгелија: „Владо Кантарџиев“, „Крсте Мисирков“ и „Ристо Шуклев“- Негорци, ќе се проектира од 5 до 7 октомври, во Големата сала на Народниот театар, со почеток во 10:00 часот.
Додека на 9 октомври, исто така, во Големата сала на Народниот театар, со почеток во 18:00 часот, пред најмладата гевгелиска публика ќе биде одиграна „Куферко, светскиот патник од Македонија“, во режија на Трајко Јордановски, а по текст од истоимената книга на м-р Симона Ристевска. Во претставата играат: Билјана Дабеска, Билјана Бајевска, Невен Силјановски, Мартина Аврамовска, Симона Јовчевска, Агим Бафтии и Маја Стојанова. Низ актерската игра, преку патувањата на малиот љубопитен Куферко, децата ќе се запознаат со неговиот волшебен свет и посетите на значајни места во државата, а ќе го го збогатат знаењето за разновидноста на нивната татковина.
- Куферко, светскиот патник од Македонија, е мало и љубопитно, темпераментно срамежливо куферче, олицетворение на децата или на детето кое постои во секој од нас. Тој е симбол и спој на македонската традиција и историја, јазикот и културата, хуманоста и етиката. Нашиот верен и искрен другар, кој на лесен и забавен начин ќе не воведе во неговите секојдневни активности и лудории, преку дестката игривлост и наивност и на позитивен начин ќе не воведе во својот волшебен свет, вели Симона Ристевска, за својот лик од нејзината книга.