Изложба на цртежи и скулптури од Ранко Дакиќ во Амамот- Гевгелија
Во организација
на Националната установа Музеј- Гевгелија, а во соработка со Музеј на Град Скопје, денеска, во просториите на Уметничката галерија Амам во Гевгелија, со почеток во 12:00 часот, ќе биде отворена изложбата „Цртежи и скултури“ на македонскиот уметник Ранко Дакиќ. Ќе бидат изложени неговите најнови цртежи и избор од неговите скулптури, од периодот 2005-2015 година. Гевгеличани ќе имаат можност да ја посетат изложбата на Дакиќ со почитување на мерките за заштита од КОВИД-19, согласно важечките протоколи за организирање културни настани. Настанот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Ранко Дакиќ е роден во Скопје 1958 година. Завршил Училиште за применета уметност во Скопје и дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Од 1987 година живее и работи како самостоен уметник во Берлин и Кавадарци. Член е на ББК (Асоцијација на професионални уметници на Берлин). Реализирал повеќе самостојни изложби во Германија и Македонија.
„Во неговото досегашно творештво – сликарско и скулпторско – не функционира ниту една уметничка формула или „законитост“ (на развој, на стил, на континуитет…), стереотип или поводливост. За него уметноста е вечна борба, постојан судир со себе, психотерапија, самопрогон, некогаш ништавило, но и спас, аждер што бара жртва – ако си подготвен да се жртвуваш! Затоа, можеби, секое негово дело е негова победа над себеси, над „уметноста“, над процесот на создавањето. Секое негово дело е крај на едни мечти и илузии, тегоби и стравови, надежи и очекувања, победи и порази… и почеток на нови, исти такви предизвици коишто, барем досега, Дакиќ мајсторски ги надминувал“ – вели за творештвото на Дакиќ Златко Теодосиевски, кој е и куратор на изложбата.