Тридневен „Божиќен базар“ и извиднички логор пред Театарот во Гевгелија
Во организација
на Кралските Извидници од Гевгелија, од 3 до 5 декември, на јавната површина (тревниот парк) пред Народниот театар, ќе биде поставен извиднички логор за дружење и нови искуства за дечињата и тинејџерите од општина Гевгелија. На овој тридневен настан, насловен како „Божиќен базар“, во петокот и саботата (3 и 4 декември), ќе бидат одржани и извиднички работилници со натпреварувачки карактер и тоа за: јаже и јазли, прва помош, ракување со алати, врзување и ориентација. Победникот на извидничките работилници ќе биде прогласен на свечената манифестација, добивајќи специјална награда, на 4 декември, во Големата сала на Народниот театар- Гевгелија. На која ќе биде презентирана и Програмата на Кралските Извидници, а свое обраќање ќе имаат Националниот Командант на Кралските Извидници од Гевгелија и Командантот на Одредот 421 од Билефелд, Германија. По што ќе следи коктелска дружба. Во недела, на 5 декември, продолжува дружбата на извидничкиот логор пред Театарот со кафе, чај и вафли.
Организаторите на овој несекојдневен настан велат дека атмосферата ќе биде божиќна, исполнета со музика, сакајќи за момент да ги стоплат срцата на присутните, со надеж за подобра иднина во пресрет на подготовките на новогодишните и божиќните празници. Имено, упатуваат покана до сите сограѓани да бидат дел од извидничкиот логор и „Божиќниот базар“, со напомена за задолжително почитување на КОВИД-19 протоколите и мерките за заштита (маска и дезинфекција на рацете).