Јавна расправа за потреба од Младински центар во Гевгелија
Во рамките на проектот „Поддршка на изборни реформи во Р.С. Македонија“,
кој го имплементира Центарот за поддршка на НВО- Гевгелија, а во соработка со Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) и Националниот младински совет- Скопје (НМСМ), беше одржана јавна расправа на тема: „Oтворање Младински центар во општина Гевгелија“. На јавната расправа учествуваа млади од општина Гевгелија- ученици од СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, претставници од организации за млади, локални институции, членови на Советот на Општина Гевгелија, како и претставник од општинската администрација.
Присутните беа информирани и запознаени со потребата и примената на Законот за младинско учество и младински политики, како и за процесот на отворање Младински центар во нашата општина. Пред присутните излагаа стручни лица за оваа тема- Драган Атанасов од Сојуз за младинска работа, кој зборуваше за правилникот за отворање на општинските Младински центри и Драгана Митровиќ, исто така, претставник од Сојузот за младинска работа, која направи разлика помеѓу Младинските совети, Канцелариите за млади и Младинските центри. За процесот на формирање Младински совети зборуваше Зоран Илиески, претставник од Организацијата „Коалиција СЕГА“- Прилеп, а за придобивките од функционирањето на Младинскиот центар во Прилеп- Ѓорги Нанчев.
На крајот, уследи дискусија од страна на присутните за потребата од Младински центар во Гевгелија, каде младите ќе можат да го поминат слободното време и од потребата за примена на Општината за Законот за младинско учество и младински политики.