Првото извидничко логорување- ново искуство за младите од Гевгелија
Во организација
на Кралските Извидници од Гевгелија, од 3 до 5 декември, пред Народниот театар, во пресрет на новогодишните и божиќните празници, беше поставен извидничкиот логор за дружење и нови искуства за дечињата и тинејџерите од општина Гевгелија.
- Божиќ секого од нас не асоцира на топлина, семејство, топол чај и убаво, заедничко дружење. Божиќниот базар во Гевгелија е проект кој првпат го организираме и планираме да прерасне во традиција, не само во Гевгелија, туку и во другите градови. Идејата ја добивме пред неколку години кога помагавме на сличен базар во Германија, истакнаа Михаил и Катерина Колеви, организатори на тридневниот настан, насловен како „Божиќен пазар“.
Покрај дружбата со кафе, чај и вафли, на која учествуваа голем број дечиња со родители, беа одржани и извиднички работилници со натпреварувачки карактер и тоа за: јаже и врзување јазли, прва помош, ракување со алати, врзување и ориентација. Победничката на извидничките работилници- Марија Петкова, беше прогласена на свечената манифестација, добивајќи специјална награда. На оваа манифестација беше презентирана и Програмата на Кралските Извидници, а свое обраќање имаа Националниот Командант на Кралските Извидници од Гевгелија и Командантот на Одредот 421 од Билефелд, Германија.