ЛАГ „Бојмија“ на Саемот за локален развој во Радовиш
На 23 септември, во Културниот дом „Ацо Караманов“ во Радовиш,
се одржа ЛАГ Експо 2022 - Саем за локален развој. Овој саем е прв од ваков тип во нашата земја, каде низ презентации и панел дискусии претставници на Локалните акциски групи (ЛАГ-ови) од: Македонија, Албанија, Србија, Косово и Хрватска ги претставија своите активности и дискутираа за теми поврзани со локалниот развој кои ги засегаат сите рурални заедници. На саемот помеѓу останатите се претставија и претставници од ЛАГ „Бојмија“, односно од општините Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран.
На штандот за промоција на производители и претприемачи од ЛАГ „Бојмија“ учествуваа: Esoaper од Гевгелија со органска козметика, Дом на култура „Македонија“- Гевгелија со етно декорацијам Здружение на пчелари „МАК БИ“ од Негорци со мед и пчелни производи, Никола Шелдаров од Богданци со слатко и ајвар, СОУ „Гоце Делчев“ од Валандово со сок од калинка и вино, Гордана Петрова од Гевгелија со рачно изработени сувенири, Мартина Трајановска од Негорци со слатки, Art Juice од Богданци со сок од калинка, „Балески органик“ од Валандово со органски производи, Пчеларска фарма „Беќарови“ од Гевгелија со пчелни производи и „Апитоксин“ од Мрзенци со промоција на апи комора, мед и пчелни производи.
„Беше задоволство да се присуствува на овој саем, на кој наши 12 млади производители и претприемачи од регионот се претставија со своите производи. Богатството на вкусови и традицијата е наш препознатлив белег“, истакна Ристо Атанасовски, претседател на Локалната акциска група „Бојмија“.
Целта на саемот е да се презентираат и да се споделат искуствата на домашните Локални акциски групи, како и оние од земјите на Западен Балкан и Европската Унија согласно LEADER пристапот како дел од политиките за локален/рурален развој. Локалните акциски групи, кои беа во фокусот на саемот се непрофитни граѓански организации од приватниот, јавниот и граѓанскиот сектор и се двигатели на развојот во руралните средини.