Кошаркарскиот куп на Македонија ќе се одржи во Гевгелија
Кошаркарскиот куп на Македонија во 2019 година ќе се одржи на 15,16 и 17 февруари годинава во Гевгелија.
Ова и официјално беше потврдено, по денешното потпишување на договорот во Гевгелија од страна на Владимир Темелковски , спортски директор во КФМ и директорите на КК„Кожув“ Ѓорѓе Гетов и на КК„Блокотехна“ Драги Ристов. На свеченото потпишување на договорот присуствуваше и Сашо Поцков, градоначалник на општина Гевгелија, која ќе биде покровител на купот.
-Посаебно сме задоволни и благодарни што Гевгелија ќе биде домаќин на Кошаркарскиот куп на Македонија, бидејќи покажа дека Гевгелија е вистински кошаркарски град, со прекрасна публика. Гевгелија има два кошаркарски клуба кои добро котираат во Првата кошаркарска лига. Очекуваме ова да биде навистина интересен клуб, бидејќи сите осум екипи - учесници на турнирот, можат да се борат за финалето. Сакам да изразам голема благодарност и пофалби до градоначалникот на општина Гевгелија, кој го прифати покровителство, како и до двата двата кошаркарски клуба од Гевгелија, кои прифатија да бидат коорганизатори. Очекувам спортската сала во Гевгелија да биде преполна за сите натпревари, бидејќи Гевгелија навистина има прекрасна публика, изјави спортскиот директор на КФМ Владимир Темелковски.
Веднаш по потпишувањето на договорот градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков изјави:
-Најпрво, сакам да изразам благодарност до Кошаркарската федерација на Македонија, која одлучи Кошаркарскиот куп на Македонија повторно да се одржи во Гевгелија. Бидејќи Гевгелија има два кошаркарски клуба и дише за кошарката. Затоа, чест ми е што Гевгелија ќе биде домаќин на најдобрите македонски кошаркарски екипи. Очекувам сите натпревари од купот да минат во спортски дух. Гарантирам целосна безбедност за непречено одвивање на натпреварите и спортско бодрење од трибините. Се разбира, очекувам големиот пехар да остане во Гевгелија, односно, еден од гевгелиските кошаркарски клубови да го освои купот, истакна градоначалникот Сашо Поцков.
Натпреварите на осумте кошаркарски екипи во машка конкуренција ќе се играат во спортската сала „26 април“ во Гевгелија, додека шестте женски кошаркарски екипи силите ќе ги одмеруваат во спортската сала „Блокотехна“ во Негорските бањи.