Во Гевгелија, одржан првиот Младински натпревар во шах
Шаховскиот
клуб „7 Ноември“ од Гевгелија беше организатор на Првиот шаховски натпревар „Младински гранд при 2023 година“, на кој учествуваа 14 млади шахисти од Гевгелија и Валандово. Младите одиграа 7 партии по швајцарски систем, а победата со освоени 7 поени ја понесе Кристијан Казазов. Со 6 поени, второто место му припадна на Ефе Ибраимов, додека со 4 поени Илија Велков се пласираше на третото место.
Задоволен од одржувањето на младинскиот натпревар во шах, претседателот на Клубот, Пепи Танчев, истакна дека до крајот на годината ќе бидат организирани уште неколку натпревари, со цел да се добие најдобриот младинец во шах од општина Гевгелија. Всушност, тоа беше и една од целите при отворање на Клубот, да се потикне аналитичката способност кај децата и нивниот здрав натпреварувачки дух. На натпреварите ќе можат да учествуваат сите млади од петто до деветто одделение.