Богат културен живот
Културниот живот во Гевгелија, но и во населените места минатата година
забележи големи раздвижувања. Пред сѐ, во бројот на културните настани, кои континуирано се случуваа преку цела година. Меѓутоа, уште повеќе по разновидноста на културната понуда. Почнувајќи од театарските гостувања, но и локалната театарска продукција, промоции на книги и поетски читања, најразновидни музички концерти, па, се до Гала оперски вечери. Што е уште позначајно ваквата понуда на културни настани предизвика огромно внимание и бројна публика. И тоа, не само во текот на културните манифестации како што беа Спасовден, Седмоноемвриската културна недела, фестивалот на смоквата „Смоквијада“, мултимедијалниот арт фестивал „БОШ“, Гевгелиското културно лето, СРВ фестивалот, туку и во секојдневните културни случувања.
Само во Народниот театар во Гевгелија минатата година беа одржани 85 културни настани, кои ги проследија над 3000 гледачи. Во одредени периоди од годината, како што беше случајот со месеците мај, октомври, ноември и декември, на сцената на Народниот театар секојдневно се случуваше по некој настан. Гостуваат театри од целата земја, но и за прв пат, пред гевгелиската публика Домот на културата се претстави со сопствена театарска продукција. Театарските претстави на аматерскиот театар „Дон Кихот“, било за деца или возрасни, привлекоа големо внимание. За збогатување на театарскиот живот секако придонсоа и претставите на драмската група „Титанија„ во СОУ„Јосиф Јосифовски“, новите аматерски групи и станд-бај настапи.